Секој христијанин верник пали свеќа во Божјите храмови за себе и за своите најблиски, но малкумина знаат што значи тоа. Следниот пат потсетете се дека свеќата ја симболизира чистотата на човековата душа, затоа што е направена од чист восок.
Исто така ја симболизира и Божјата Благодат, зашто восокот доаѓа од мирисни цветови. Обожувањето, кое треба да го достигнеме, зашто таа се пали со оган и го храни. Светлината Христова, која ја гори и осветлува темнината. Љубовта и мирот, особини на секој Христијанин, зашто, додека гори, таа со својата светлина го просветува и утешува човекот кој е во темнина.
Кога се оди во Храмот, верникот треба да запали свеќи за живите и за покојните. Тоа треба да биде проследено со молитва, за живите да бараме милост и заштита, а за покојните успокојување и спасение на душите. Восокот од кој се прават свеќите треба да биде чист, а се добива од пчелите кои го собираат само добриот полен од цветовите. Восокот го симболизира и начинот на кој Огнот, односно Божеството, се соединува со душата и ја омекнува и просветлува и неа и оние кои се во нејзино опкружување. Свеќата, како што гори, ја просветлува околината. Така и совесниот Христијанин, кога се жртвува за Божјата љубов, ги просветува луѓето и им го покажува патот на спасението.
Кога се крштева, свеќата ја симболизира духовната светлина која ја прима новопросветениот, свеќите на погребот и гробот ја симболизираат светлината Христова која треба да го просветли покојниот и да го упокои на светло и блажено место, каде не постои тага, туку вечен живот.