Според некои податоци парпланинците на овие простори се дојдени од Тибет и Хималаите, и тоа од времето на Александар Македонски.
Тие дошле на напшата територија и тука останале. Во минатото го нарекувале илирски овчар. Но, бидејќи потекнува од Шар Планина, името Шарпланинец самото се наметнало.
Се верува дека на овие простори пристигнал од Азија, со миграцијата на населението во светот. Силен е и „вооружен“ е со многу моќни заби кои му помагаат во вечната борба со волците кои се често во негова близина во планинските предели. Овие кучиња се исклучително храбри, а најбестрашните од нив, понекогаш влегуваат во битки дури и со мечки. Народните преданија велат дека три Шарпланинци можат да совладаат цела орда волци за да го одбранат стадото овци што го чуваат, макар имало и 500 овци во него.
Шарпланинецот е надалеку познат по неговата убавина, лојалност и борбеност, а најдобар доказ дека ги оправдува овие епитети е подзаборавеното видео на кое ова куче е прикажано во неговата исконска улога-одбрана на стадата овци кои се чувале и се уште се чуваат на Шар Планина.
Од друга страна, наспроти оваа теорија сочувани се голем број историски извори кои покажуваат дека во регионот на Јужен Балкан значително пред големите миграции, постоела група на голем и силен пес, најголеми такви за одбрана наречени Молос, и во основа идентичен со типот на онаа група во која спаѓа и Шарпланинецот. Самото име укажува на овој регион како нивната матична регија, затоа што прецизно географски е лоциран во подрачјето на Епир и ги покрива зоните до централните сртови на Шар Планина.
Имено, грчките и римските извори, датирани повеќе од седум векови пред големите миграции, експлицитно го споменуваат овој пес како раса која од памтивек живее во планинскиот регион на Јужен Балкан. Тие за него имаат многубројни записи и описи. На пример, потеклото на „џинот од Неапол“ античките автори директно го доведуваат во врска со “Епирскиот Молос“ – прапредокот и на денешниот Шарпланинец. Аристотел, пак, меѓу древните медитерански раси го споменува и дава описи – „бел лакедемонски пес“, „моќниот жолт пес од Крит, сличен на лав“, „кучињата од Епир се страшни, груби, со големи глави и нозе како кај лав„, или „кучињата од Епир се најчесто темни, нивната волна е густа и долга…“. За „величенствениот пес од Епир“ или „големите Молоси“ пишувале и Опијан, Овидиј, Вергилиј, Хорациј…
Оттука, како што ќе констатира професорот Ферид Мухиќ во една своја анализа за потеклото на македонскиот овчарски пес – Шарпланинец, „во големите преселби доаѓале и кучињата од азиски подрачја и народи и да се прифати дека и тие на одреден начин интервенирале во генетиката на Шарпланинецот е една работа, но сосема е друго да се тврди дека тие биле и клучен фактор на нивното формирање. Ова, не само што не е точно, туку дури и не можело ни да се случи затоа што целото подрачје на Медитеранот, а внатре во него и Епир со Шар-Планинецот, сосема ретко биле изложени на генетското влијание како резултат на географската изолација па со самото тоа го задржале основниот автохтон вид на расата постара од спомнатите миграции“.
Впрочем, за развојот на шарпланинецот како една од најхаризматичните раси на кучиња придонела токму географската положба на Република Македонија, нејзините природни ресурси, убавите планински предели богати со вегетација, високите брдовити рамнини и големите пасишта. Тие им овозможиле на луѓето кои живееле и кои се населувале во овие краишта да се занимаваат со сточарство и со одгледување на на овци, чиј заштитник е токму македонскиот планински горостас, овчарскиот пес – Шарпалнинец.
Шарпланинецот нема господар
На вистинскиот шарпланинец никој не може да му биде газда. Тој може да биде пријател, и тоа на оној кого тој го одбира, а кон него исто така може да се воспостави пријателски однос – но само од оној на кого тој тоа му го дозволува. Интересно е што е многу приврзан кон децата. Она што го издвојува и го прави особен е неговата појава која на прв поглед делува застрашувачки.
Извор: Sitel, Wikipedia