Еден Македонец откако не можел да си најде работа во Македонија, заминал во Канада за да си ја побара среќата. Таму, како што вели, за една година успеал да заработи и за куќа и за два автомобила.
„Може да се каже дека имам еден и половина факултет. Значи, не ја напуштив Македонија затоа што со семејството одвај преживувавме, туку си заминав бидејќи не можев да го добијам основното и загарантирано право на работа“ – раскажува Томе.
„Денес во Канада покривам кровови, а по струка сум економист-информатичар. Мислам дека одлично се снајдов бидејќи како странец за помалку од една година успеав сам да си купам куќа. Имам два автомобила, еден фамилијарен и еден кој го користам кога одам на работа“ – вели тој и го појаснува односот на работодавачот кон работникот во оваа земја.
„Најважното за мене е што тука чувствувам дека газдата те цени и тебе и твојата работа. Откако дојдов, платата ми порасна за цели 50%. Тоа е како на пример во Македонија да земаш 20 илјади, а потоа за пет-шест месеци 30 илјади. Но тоа за нас е научна фантастика. Ова е сепак моја импресија, може ќе наидете и на поинакви стории, секој различно се снаоѓа. Но имам впечаток дека кај нас колку и да се „убиеш“ од работа, платата ќе ти остане иста. Овде главно е да бидеш упорен, и работлив, а газдата ќе го цени тоа и ќе те награди. Во Македонија тоа не постои“- раскажува тој.
Тој во Канада најпрво отишол сам, а потоа го повлекол целото семејство, сопругата со ќерката и синот.
„Школото, односно програмите кои постојат, се за секоја пофалба. Сепак ова е имиграциска земја. Моите деца се вклопија совршено. Школото не е сведено на „бубање“ на теорија, туку на развивање на личностите и човековите вредности.“ вели тој и додава:
„Практични се- не сакаат да учат како да пресметуваат туку како да го користат калкулаторот. Интересен пример: ја прашав ќерката како би решила еден проблем, а таа вели – запиши си го проблемот на Јутјуб и ќе видиш“, го раскажува својот проблем и нагласува дека секојдневните проблеми главно се подобро решени отколку кај нас.
„Овде нема чувство на заедништво, бидејќи сите трчаме по долари. Мојата желба е да отворам сопствена компанија, бидејќи овде што и да отвориш и ако имаш бар малку смисол, можеш супер да живееш“ – истакнува Томе.
„Во Канада ја користат вашата лоша ситуација и фактот дека мора да работиш за нив. Имаме затворени работни дозволи и доста е тешко да најдеш нов работодавач додека не го решиш статусот т.н. permanent resident.“
„Жално е што и покрај ваквиот третман тука се чувствувам подобро отколку дома“ заклучува тој.
Извор: Галама