Насилството помеѓу учениците на стивнува
Ниту едно одговорно општество не смее да дозволи децата да се чувствуваат загрозени, а посебно не кога се во училишните клупи. Овој пат црвеното светло на алармот се запали поради случај во основното училиште Ѓорѓија Пулевски во скопската населба Аеродром кој го привлече вниманието на јавноста, а се надеваме дека истото нема многу брзо да падне во заборав и дека надлежните ќе преземат мерки против ваквите немили настани.
Имено, во полициската станица во Аеродром лицето Р.Ц. (50) пријавил дека на 28 септември се случило насилство. Како што соопшти МВР, пријавено било дека во основно училиште во населбата Аеродром, за време на малиот одмор, четири малолетници-ученици во училиштето фатиле за нозе и раце нивна 14-годишна соученичка, го отвориле прозорецот од училницата што се наоѓа на приземје и ја фрлиле низ него.
Девојчето се здобило со телесни повреди, а од полицијата се презема мерки за целосно расчистување на случајот.
Од Министерството за образование и наука соопштија дека се запознаени со случајот и дека во текот на денот ќе излезат со информација што е преземено и какви мерки понатаму ќе преземат.
Насилството не смее да се толерира
Сите ние сме оделе во основно училиште и памтиме дека имало расправии, па и тепачки. Се боревме еден на еден, момчињата понекогаш знаеја и да се тепаат, да плукаат еден на друг, да се шутираат, да се маваат со камења, но откако наставниците или педагозите ќе ги детектираа истите, казните беа ригорозни. За вакви работи се бркаше од училиште.
Но денес некако како контролата да ни бега од рацете. Токму затоа и не смееме да дозволиме кога камерите ќе се изгасат децата да останат препуштени сами на себе. Особено не оние кои што минуваат низ таков период, врз кои се врши врсничко насилство, и кои најчесто не знаат што да прават со своите „крвожедни“ сокласници кои везден ги малтретираат.
Ова што се случи во Аеродром, а и претходно во едно друго училиште во Македонија треба да го запали алармот дека ситуацијата е отидена по ѓаволите и дека треба да се превземаат мерки
Треба да има казни!
Кога порано ќе се случеше ваков настан ќе беа повикани родителите на детето што го удрило другото, или на децата што малтретирале некој свој соученик, и тоа беше голема брука за нивните родители. Кај некои веднаш следуваше добра лекција дома за пристојно однесување така што ушите би им зуеле уште долго време и повеќе не би им паднало на памет некого да навредат или удрат. Неки други родители не се согласуваа дека „ќотекот излегол од рајот“, туку разговараа со своите деца, им објаснуваа и следуваа казни.
Нема на море, нема нови патики, а некои и по цели денови им беше забрането да излезат надвор и да се играат со другарите
Секој знаеше дека постојат казни, па затоа и ваквите настани не се случуваа толку често. Но денес главен проблем се родителите, односно оние кои што по ваквите ситуации нема да ги казнат своите деца.
Тоа ги охрабрува истите, и знаејќи дека нема ништо да им се случи, тие ги тормозат другите и вршат насилство.
Затоа ваквите работи не смеат да се толерираат. Министерството за образование и наука мора да преземат марки и да бидат ригорозни.
Во спротивно на некои родители би можело да им дојде преку глава и на своја рака да преземат мерки. Затоа да зборуваме со децата за да не дојде до тоа. Да ги охрабриме да кажат дали имаат проблеми и дека тоа не е срам, да не се толерира насилството и да се поттикнува позитивното однесување, а да се казнуваат оние што починиле насилството и НИКАКО да не им се прогледува низ прсти. Ниту ним, ниту пак на неодговорните родители.
Мора да има ред и тој треба да се почитува!