Драма во скопски Мичирун
Како и во другите градови, така и во Скопје од почетокот на септември па таму некаде до првите мразеви, над градот се појавува еден убав полупроѕирен облак од џад од кој се шири специфична и на сите нам добро позната миризба. Тоа е миризбата на неговот величество – ајварот. Веќе сме во сезона на правење ајвар и црвената пиперка пристигнува во градовите, на пазарите, но и на тротоарите во камионите, најверојатно од самите производители кои тука ги продаваат, или пак од некои трговци.
Но, еден скопјанец минатиот петок се соочил со многу непријатна ситуација, која ја раскажал на социјалните мрежи.
„Кај надвозникот на Нова Железничка од тие што продаваат пиперки, купив наводно 42 килограми. Кога ги измерив дома на вагата, забележав дека наместо 42кг, ми ставиле 29кг. Се вратив за да направам рекламција и кога видов, покрај мене уште многу луѓе се расправаат за истото. Наместо да ми се извинат, продавачите, оние кои ми ги продадоа пиперките, ме нападнаа. Беа повеќе луѓе кои излегоа од 5 камиони кои продаваа таму во близината на Мичурин. Повикав полиција но после еден час чекање, тие не дојдоа а јас морав во болница поради ќотекот кој го добив.“ – раскажува скопјанецот.
По повеќе од еден час пристигнала полицијата и тоа прво на местото на немилиот настан, а потоа и во болница за да му земат изјава.
„Никаков увид не е направен, имаше искршено и една бандера од страна на сторителите додека бегаа. Ве молам ако некој нешто видел да ми помогне со своето сведочење. Настанот се случи во 14:45 во петокот“ – раскажува скопјанецот.