Поранешниот министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, денеска на панел дискусија рече дека ќе гласа „ЗА“ на престојниот референдумот.
Како што рече Тодоров, кога веќе неговата партија одлучила дека сите сами можат да донесат одлука (!), тогаш тој ќе биде „ЗА“, односно ќе излезе на референдумот и ќе гласа.
– Македонија мора да е дел од НАТО и јас сакам да ја видам Македонија како дел од Алијансата. Во рамки на тоа е и мојот став. Јас го разгледав ставот на партијата во однос на референдумот и имам право да одлучам како сакам. Не излегувам од ставот на партијата, напротив сметам дека мојот став е во рамки на партискиот став. На овој референдум јас ќе излезам и ќе гласам „за“ ЕУ и НАТО, а „против“ договорот. Некој ќе рече нема такво прашање, јас ќе речам има. Се ми е јасно, јасен ми е контекстот, јасно ми е дека мораме да бидеме членка на НАТО, потоа и на ЕУ. Јасен ми е и регионалниот контекст, вели Тодоров.
– Сите аспекти ми се многу јасни, но тоа е рационалното, а емотивното не ми дозволува да заокружам „за“. По мене ВМРО-ДПМНЕ не смее да бојкотира затоа што не смее да биде мала гласна изолирана група на граѓани коишто се контаминирани. ВМРО-ДПМНЕ мора да биде силно мнозинство и затоа не смее да си дозволи да бојкотира. ВМРО-ДПМНЕ е уставотворна и државотворна партија и не може да дозволи да следи некои групи коишто заговараат бојкот. Друго ќе беше ако ВМРО-ДПМНЕ пред два-три месеци излезеше и речеше ние бојкотираме. Во ваква ситуација кога тој простор е заземен и воден од некои маргинални политички структури ВМРО-ДПМНЕ да биде партија која што ќе следи такви структури. ВМРО-ДПМНЕ мора да води, вели Тодоров
Инаку, покрај Тодоров граѓаните денес ги изненади и ставот на познатиот бизнизмен Орце Камчев кој важеше за поприлично близок со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој во интервју за Фактор изјави дека ова е историска шанса за Македонија и дека кога би бил на местото на премиерот Зоран Заев, и тој би го потпишал исиот договор со Грција.
Според него Македонија досега немала таков храбар лидер и со овој договор се отвораат вратите на НАТО и ЕУ, но и на економски развој на Македонија.