Политичарот кој секогаш е на власт
Амди Бајрам, за кого многумина велат дека е политичар кој секогаш е на власт (впрочем како и многу други во Македонија), е еден од поддржувачите на договорот со Грција и ветува поддршка од Ромите при референдумот. Сепак, дел од медиумите се потсетија дека Амди пред само 2 години имаше потполно поинаков став за сегашниот премиер, Зоран Заев.
Имено, тој додека беше во коалиција со ВМРО ДПМНЕ за време на протестите пред Државната изборна комисија во 2016 година пред демонстрантите порача дека погребот на Заев ќе биде многу бргу.
„На Заев многу блиску ќе му биде погребот. Многу бргу ќе му дојде погребот. Ќе лежи на Кардиологија. Ќе го удри инфаркт по неколку дена. Таму ќе му одиме на посета. Ќе му палиме и свеќа на гробишта“, велеше Бајрам пред една и пол година, додека денес, во изјава за Макфакс го демантираше тоа.
„Демантирам дека сум го кажал тоа. Мислам дека тоа се само измислици“, вели Бајрам во видеото што го објави порталот Макфакс.
Тој со оваа изјава го предизвика револтот на граѓаните кои не штедеа зборови да го критикуваат поради неговите политички игри, но и поради поддршката што сега му ја дава на Заев за референдумот. Што се однесува до неговата изјава од пред две години, дека наскоро ќе палат свеќи на гробот на Заев, а која сега ја демантира, се уште постојат видео записи на Јутјуб на кои се гледа целиот негов говор. Токму тоа и најмногу ги револтираше корисниците на социјалните мрежи кои го критикуваа наречувајќи го со секакви погрдни зборови.