Силен ветер беснее во соседна Грција. Корне дрвја, а многу училишта и се затворени, бројни траекти низ земјата не се обраќаат, а исто така и многу летови се одложени. Во планинските делови на Грција денес падна и првиот снег.
Ветерот корнел дрвја кои што паѓале врз далеководи во северните предградија на Атина, а од пожарникарските служби открија дека примиле над 350 повици за нивните екипи да излезат на терен и да ги отстранат паднатите дрвја. На островот Кефалонија училиштата биле евакуирани поради шумски пожар кој бил распламнет од силниот ветер, пренесува новинската агенција „АП“. Грчките власти тврдат дека таквата одлука била донесена од претпазливост, но итните служби се на готовс затоа што се очекува влошување на невремето.
Во меѓувреме пак е соопштено дека југот на земјата е погоден од земјотрес со јачина од 5 степени по Рихтер. За среќа, нема жртви ниту повредени, а ниту пак е причинета материјална штета.
Од Медитеранскиот сеизмолошки центар соопштија дека епицентарот на земјотресот е на 245 километри југозападно од Атина.
Грчките медиуми пренесуваат дека додека во планинските подрачја е забележан првиот снег иако е септември, на одредени делови од грчкото приморје се уште е лето и летувалиштата и натаму имаат туристи.
За потсетување, ова лето северниот дел од Грција беше зафатен од дожд и силен ветер кои предизвикаа големи проблеми за туристите, а одделни места беа погодени и од поплави. Сообраќајот се одвиваше отежнато, а некои градови беа и целосно поплавени. Облачното време и северниот ветер беа присутни повеќе денови, при што во некои места беше намалена посетеноста од туристите.