News

Се одржа „Шопска свадба“ – еве кои обичаи ги изведуваат невестата и младоженецот

Манифестацијата „Шопска Свадба“ традиционално се одржува на локалитетот Камени кули во селото Куклица, Кратовско и истата беше закажана за вчера, 30-ти септември и тоа по четврти пат по ред.

Со оваа традиција се очекуваше да заживее овој препознатлив локалитет во Североисточна Македонија, благодарение на илјадниците посетители кои го следеа перформансот на свадбената веселба, која е традиционална за овој крај.

Членови на културно-уметнички друштва од Куманово и Кратово со сценска адаптација ја презентираа традиционалната Шопска свадба. Младенците и сватовите се играорци од кулутрно-уметничкита друштва од двете општини кои го оживеаја свадбениот обичај симболично на локалитетот Камени Kукли, познат како Весела скаменета свадба, со 150 камени кукли.

Главните обичаи на оваа свадба се невестата да пристигне со коњ, а младоженецот тазе избричен од другарите и накитен со пари ја бара за жена од мајка ѝ. Важно правило е младоженците да не се постари од 35 години, а и ова да им е прв брак. Организатор на настанот е Здружението за уметност, култура и заштита на културното наследство „Етно ризница“ од Куманово.

На свадбената церемонија се изведуваат автентични обичаи, карактеристични за свадбите од шопскиот крај. Свадбата се прави по завршувањето на жетвените и полски работи. Учениците ја донесуваат радосната вест дека доаѓаат со невеста и ја даруваат со многу дарови што на други места како традиција ја нема, изјави Драган Митевски претседател на Здружението „Етно ризница“ од Куманово.

Кума на годинашната свадба беше пејачката Благица Павловска.

Во склоп на оваа манифестација се презентираат обичаите на шопскиот дел од регионот, а организаторите се трудат да ја направат што помасовна оваа манифестација, во чиишто рамки се одржува и културно-забавна програма.

Tags

Related Articles

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
Close