На Крстовден е строг пост, а многу верници јадат само леб и вода
Во четврток на 27 септември е голем празник Воздвижение на Чесниот крст (Крстовден), Празник на Чесниот Господов крст
Празникот Воздвижение на чесниот крст, во народот познат како Крстовден, се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст. Наоѓањето на чесниот крст врз кој бил распнат Исус и се припишува на царицата св. Елена мајката на славниот цар св. Константин Велики, основоположникот на Цариград (Константинопол) и првиот император што ја признал христијанската вера.
Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот Крстовден или Водокрст (18/5 јануари) е посветен на стариот обичај според кој на овој ден биле крштевани оние што го примале христијанството, а есенскиот Крстовден, под името Воздвижение на чесниот крст се празнува во чест на наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос. Овој настан ѝ се припишува на царицата Елена, мајката на славниот цар Константин, основоположникот на Цариград (Константинопол).
И нашиот народ го празнува Крстовден како тежок празник. Тогаш не се работи и се пости „за крст“. Во Радовиш, во црквата, попот раздавал китки кои се чувале за здравје и за лек од уроци. Во Гевгелиско спроти овој ден свештеникот одел по куќите и светел вода, а жените земале од котлето вода за замесување на квасец. Свештеникот читал молитви за богат род и ги пеел семињата за новата сеидба, а тоа го правел и на самиот ден на Крстовден.
Кој со крст се крсти, утре треба да пости
Во записите на Христо Шалдев за Гуменџе се вели дека тука гроздоберот секогаш станувал околу Крстовден. Во Дебарца Крстовден се смета за тежок празник и се држи како строг пост. На овој ден не се јаде ништо мрсно дури ни растително масло, а некои верници на овој ден јадат само леб и вода. Вечерта спроти Крстовден од полето се носи грав, пченка, компири, лубеници, грозје и др. Утрото се оди во црквата каде што се раздава за здравје. Едно од најважните верувања за овој празник поврзано е и со преткажувањата и времето. Па така во народот се верува дека ако за Крстовден биде облачно, зимата ќе биде богата со снег, а ако е суво, следната година ќе биде сушна.
Ако до Крстовден не заминат ластовичките, нема да има јака зима
Тивок дожд за Крстовден значи блага зима
Грмотевици на овој ден претскажуваат плодна година
На Крстовден име празнуваат:
Крсте, Крстинка, Крстана, Кристина, Христина, Кристијан…