Мајките во Америка како да не постојат во својата земја
Едно од основните права кои ги уживаат жените како посебна заштита во работниот однос, е правото на заштита за време на бременост, раѓање и родителство.
Заштитата во Законот за работни односи најпрво е поставена уште при самото известување дека некоја работничка е бремена. Без разлика во која фаза на бременост се наоѓа, работодавачот е должен да воведе повеќекратно оценување на ризиците кои можат да влијаат на бремената жена, нејзиното неродено или новородено дете.
Исто така работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство, за време на сместување на дете кај посвоител, отсуство од работа за родителство од страна на татко или посвоител на дете и слично.
Отказот на договорот за вработување е ништовен, доколку на денот на врачувањето на отказот работодавачот бил запознаен со околностите за бременоста, или доколку работникот во рок од 15 дена од врачувањето на отказот го извести работодавачот за постоење на околностите за бременост со доставување на соодветна потврда од овластен лекар или надлежен орган.
Право на породилно отсуство
Според Законот за работни односи работничка за време на бременост, раѓање и родителство има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеца непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) 15 месеци.
Исто така и работничка која посвојува дете има право на отсуство до наполнување на деветмесечна возраст на детето, а доколку посвоила повеќе деца (две или повеќе) 15 месеци.
Периодот кога може работничката да го започне отсуството за бременост, раѓање и родителство врз основа на наод од надлежниот здравствен орган, е 45 дена пред раѓањето, а задолжително 28 дена пред раѓање. Доколку од здравствени причини детето е задржано за нега или лекување во здравствена установа и доколку во меѓувреме мајката или таткото се вратат на работа, отсуството поради раѓање и родителство се прекинува и истото имаат право да го искористат неискористениот дел од отсуството.
Висина на надоместок
Висината на надоместокот на плата за време на отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство изнесува 100% од основицата на надоместокот на плата. Надоместокот за отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство се исплатува од првиот ден на привремената спреченост за работа од средствата на Буџетот на Република Македонија.
Како е во останатите земји
Траењето на породилното отсуство во Чешка е 110 недели, а мајките добиваат 70 отсто од заработката за првите 28 недели, 45 отсто од 29 недела.
Во Германија породилното отсуство трае 58 недели, но платата во првите три и пол месеци е целата заработка, а се намалува на 65 отсто од примањата до крајот на отсуството.
Времетраењето е полошо во Кина, односно таму е само 14 недели, но 100 отсто од платата за целото време на сметките на новопечените мајки. Што се однесува до Европа најкратко уживаат Холанѓанките, но за 17 недели со бебето имаат целосната плата. На Данките отсуството им трае година дена, а заработката е речиси половина, односно имаат 55 отсто од платата.
Најнеповолно е во Америка, каде отсуството трае само 12 недели и за тоа време мајките не примаат плата.