Lifestyle

Сопрузи, кога само би го послушале апостолот, бракот ќе ви биде рај (св. Јован златоуст – за бракот)

Беседа 20 на Посланието на Св. Ап. Павле до Ефесјаните… Зошто Свети Апостол Павле говори дека мажот се соединува со жената, а не жената со мажот?

Затоа што, кога ги наведува должностите од љубовта, тој ги упатува кон мажот. Зборувајќи за почитувањето, на жената ѝ вели дека мажот ѝ е глава, како што е и Христос глава на Црквата, а учејќи го мажот да љуби, тој го врзува и зацврстува во врската со жената.

Ако мажот ги остави родителите заради жената и потоа ја напушти, со што може да се оправда?

Не гледаш ли мажу, каква чест ти укажува Господ со тоа што ти ја дал жената?

Те зел од таткото и те приврзал за неа. Затоа мажот кој верува не може да каже дека нема никаква должност кон жената, ако таа не му се покорува.

Павловите зборови „страв“ или „почитување“ се однесуваат на тоа да бараш почитување од слободна жена, а не страв каков што покажува робинката. Таа е твое тело и кога неа ја понижуваш, тоа си го правиш самиот на себеси.

Ако сакаш повеќе да те почитува, љуби ја онака како што е заповедано; тогаш за стравот нема да има место, зашто љубовта сѐ ќе усоврши.

„Поради тоа човекот ќе го остави татка си и мајката своја“, и не вели потоа „ќе живее со неа“, туку „ќе се придружи кон жената своја“ и на тој начин ја истакнува блискоста на брачната заедница и искреноста на љубовта.

Павле не се задржува на ова, но понатаму ја објаснува покорноста на жената во однос на заедницата на две битија кои не се веќе две, но едно. Тој не вели дека тие двајца се „еден дух“ или „една душа“, туку вели всушност дека се „едно тело“.

Иако жената има второстепена власт, всушност поседува огромна еднаквост во достоинството, но, истовремено, на мажот му припаѓа донекаде понадмоќна улога. На ова е заснована и благосостојбата во домот.

Свети Павле го зел примерот со Христа и со Црквата, не само за да покаже како мажите треба да љубат, туку и како да управуваат „за да биде (жената) света и непорочна“.

Извршувај го она што Му е угодно на Господа, па она што им е угодно на луѓето ќе си дојде само по себе.

Поучувај ја својата жена, па во твоето семејство ќе владее мир и слога. Слушнете што вели свети апостол Павле:

„Ако, пак, сакаат да научат нешто, нека ги прашаат мажите свои дома“ (1. Кор. 14, 35).

Ако си го уредиме домот на овој начин, исто така ќе ја уредиме и Црквата, бидејќи семејството е мала Црква. Само така, ако станеме добри мажи и добри жени, ќе постанеме и пример на добродетели и за другите сопружници.

Како и војсководецот, кој добро ја утврдува војската за да не ја нападне непријателот неспремна, така и мажот и жената треба да се грижат за својот дом, за да го одржат мирот и благосостојбата во семејството.

Затоа, со најголемо внимание да се грижиме за жената и децата. Само така ќе се оправдаме пред судот Христов. Ако е мажот добар и дејствува како глава, тогаш ни телото нема да претрпи штета.

Павле детално им објаснил и на мажите и на жените како треба да се однесуваат:

„Таа треба да му се покорува како на глава, а тој треба да ја сака како свое тело“.

Прашањето е, како да се оствари таков однос?

Таков однос помеѓу мажот и жената се остварува не со врзувањето за богатството, туку со стремежот кон добродетели и со страв Божји.

Она што апостол Павле им го советува на слугите во наредната глава се однесува и на нас: „Знаејќи дека секој ќе добие од Господа според доброто што го направил“ (Ефес 6, 8).

Сакај ја не заради себе, но заради Господа.

Сѐ прави заради Господа, во духот на покорноста на Неговата волја. Тоа би требало да биде доволно да нѐ убеди да се оттргнуваме од кавги и неслога. Ниту мажот смее да поверува на нечии обвинувања за жената, ниту пак жената без причина да го проверува движењето на својот маж, ако веќе се докажал како верен сопруг.

Меѓутоа, што ако таа е љубоморна и покрај тоа што денот го минуваш работејќи, а вечерта ѝ ја посветуваш на неа? Нека не ти досадат нејзините поплаки; таа те љуби и не се однесува неразумно, зашто сето нејзино незадоволство доаѓа од преголемата приврзаност кон тебе и од страв.

Да, таа се плаши да не ѝ се разурне бракот, да не ја одвои некој од оној кој е нејзина најголема благодат, да не ѝ го одвлече оној кој ѝ е глава. Покажи ѝ дека сакаш да си крај неа и дека ти е помило да си дома, отколку да си отсутен.

Уважувај ја пред своите пријатели и пред децата. Награди ја секогаш за добрите дела, а ако нешто лошо направи за тебе, посоветувај ја благо и трпеливо. Молете се заедно во домот и одете заедно во Црква, а кога ќе се вратите дома, разговарајте за она што таму сте го слушнале.

Ако западнете во сиромаштија, сетете се на апостолите Петар и Павле, кои се прославени повеќе од царевите и од богатите, а сепак своите животи ги минале во глад и жед. Потсетувајте се еден друг дека не треба од ништо да се плашите во животот, освен од Господа.

Ако сте наклонети да примате гости или да приредувате ручеци, не треба да биде тоа непристојно или нескромно.

Ако наидеш на некој сиромашен, свет човек, покани го и него, зашто, штом тој ќе стапне во домот, може да ти донесе Божји благослов. Овде би додал уште една работа. Никој нека не копнее да се ожени со богата жена. Подобро е ако е сиромашна.

Никакво задоволство нема да добиеш со нејзиното богатство.

Богатството само по себе не е зло, туку е погубна онаа искривеност на умот која го цени повеќе од сѐ на светот!

Секогаш кога ќе ја поучуваш жената на вистинска мудрост, гледај и ти да бидеш смирен и твоето однесување да биде полно со милосрдие и добрина, а твоите зборови со повеќе топлина и разбирање. Освен тоа, настојувај од нејзината душа да го искорениш поимот „мое“ и „твое“. Ако таа за нешто го каже зборот „мое“, прашај ја вака:

„Кои работи ги нарекуваш свои? Зашто навистина, јас не знам што би можело тоа да биде. Што се однесува до мене, јас немам ништо што би било мое, сопствено.

Зошто велиш, „тоа е мое“, кога се` е твое?

Но, дозволи и` нека каже и такви работи. Ако рече „тоа е мое“, ти речи „па се` е твое и јас сум твој“. Ова не е ласкање, туку израз полн со мудрост. Со него ќе можеш да го стивнеш нејзиниот гнев и да го оттргнеш нејзиното незадоволство.

Ласкање е ако човекот настапува нечесно, имајќи на ум подмолна побуда, а овде говори со чисто срце.

Кога и` велиш „Јас сум твој“ ти ги потврдуваш зборовите на Свети апостол Павле, кој вели: „Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената“.

Затоа , кажи и` уште:

„Ако јас немам власт над своето тело, зашто тебе сум ти го дал, тогаш каква власт би можел да имам над имотот, што го поседувам?“

Со такви зборови уште повеќе ќе ја приврзеш за себе и ќе го засрамиш ѓаволот.

Така, значи, учи ја со својот пример и со својот говор, од кој и самиот си ги исфрлил зборовите „мое“ и „твое“.

И уште нешто: Никогаш не ја викај само по име, туку додај уште неколку нежни зборови, со многу почит и љубов.

Ако ти и` укажуваш почит, таа нема да бара почести од другите, ниту пак ќе копнее по пофалби од другите , ако ја вкуси радоста од пофалбата што и` доаѓа од тебе.

Стави ја неа пред се` друго, во секој поглед, поради нејзината убавина и чувствителност и не биди скржав со пофалбите. Така ќе ја убедиш да не слуша никој друг и да не обрнува внимание на никој друг на светот, освен на тебе.

Учи ја на страв Божји и добрини ќе потечат од таквата поука како од извор, а вашиот дом ќе биде исполнет со илјадници благослови.

Стремете се само кон она што е совршено, па се` останато ќе ви се додаде. Зашто, Господ вели:

„Барајте го најнапред Царството Божјо и Неговата правда, а се` ова ќе ви се придодаде“ (Мат. 6,33).

Преземено од книгата СВЕТА ТАЈНА БРАК – зборник на текстови

Издавач: Брегалничка митрополија Штип – 2010

Извор: Ogledalo.mk

Related Articles

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
Close