Бог постои и прави чуда, а за тоа говори и настанот што се случи пред неколку години на првиот ден Велигден во манастирот „Св. Гаврил Лесновски“. Имено, едно 13 годишно девојче од Кочани, со помош на промислата Божја и по молитвите на отец Гаврил Светогорец, чудесно се излекувало од тешка болест и состојба во која што се наоѓало.
Како што кажуваат неговите родители, се започнало кога при крајот на летото, една година претходно, Лора го изгубила апетитот. Нејзината состојба брзо се влошувала и девојчето почнало да добива силни болки и воспаление во зглобовите на прстите на левото стапало, при што три прсти се искривиле. Докторите не можеле да воспостават дијагноза, иако болките не престанувале. Тие ја лекувале од реума и артитис, но немало резултати.
По сите направени испитувања и магнетни резонанци на мозокот резултатите беа одлични а состојбата на Лора се влошувала. „На хартија имавме здраво дете, а всушност Лора беше во многу тешка здравствена состојба со несвестици, напади, вртоглавици, искривени прсти на нозете“, изјави за телевизија Канал 8 пред неколку години Олга Минова, мајката на Лора.
Откако се нашле во ваквата очајна ситуација, решиле да побараат помош и од хомеопатска медицина. Но ни тоа дало плод, а неподносливите болки на Лора, нападите, вртоглавицата, замагленоста, не престанувале. Тие повторно заминале во болница, а за празникот Велигден ги пуштиле дома.
Се договориле после празникот да се вратат повторно во болницата.
Тие со години наназад го посетувале манастирот „Свети Гаврил Лесновски“, па решиле таму да отидат за празникот. Во разговор со Игуменот на Лесновскиот манастир, отец Дамаскин, тој им дал утеха на родителите говорејќи дека проблемот и болеста на Лора се од духовна природа. Отишле со него во манастирот и тој ѝ прочитал молитва и ја помазал со масло од кандилото на гробот на епископот Гаврил Светогорец.
„Отецот нè охрабруваше да не се плашиме, укажувајќи ни дека проблемот и болеста на Лора се од сосема друга, духовна природа. Ни рече да отидеме со него во манастирот. Таму тој ѝ прочита молитва и ја помаза со масло од кандилото на гробот на епископот Гаврил Светогорец. Додека траеше молитвата очекувавме дека ќе се онесвести, бидејќи со месеци наназад не издржала толку време да не добие напад. Но, тоа не се случи. Отецот имаше голема вера дека со девојчето сè ќе биде во ред. Кога заврши молитвата, ќерка ни се исправи пред нас и ни рече: „Мамо, јас сум иста како порано! Повеќе не ве гледам матно! Ве гледам како порано!“ Отецот одеше напред, а детето по него… Само… Првпат после толку месеци без наша помош! Излеговме од манастирот, а таа сама продолжи по отецот кој одеше пред неа. Ја одведе во продавницата за свеќи и икони. И даде крст кој го носи на вратот до денес. И кажуваше што треба понатаму да прави. Ние уште не го осознававме чудото што ни се случи. Се поздравивме со отецот. Детето отиде само до колата која беше паркирана на манастирскиот паркинг. Кога седна во колата започна да ја одврзува патиката. Сакаше да се собуе и да го тргне ортопедското помагало од ногата. Ние во еден глас ѝ рековме дека иако се почувствувала подобро, не треба да брза да го тргне помагалото, но таа не нè слушаше што ѝ зборуваме“ вели видно возбудена мајката на девојчето, а пишува Религија.мк.
„Моментот на вистинското изненадување за нас беше кога таа ни ја покажа ногата. Прстите кои со месеци беа искривени и згрчени во страшна болка беа исправени! Болката ја немаше! Занемевме… Се плашев да не се разбудам. Да не е сон. Се свртевме кон манастирот. Низ солзи му заблагодаривме на Господ за чудото што ни се случи. За милоста што на тој Велик ден Господ ја истури врз нас… Заврна“, раскажува мајката на девојчето.
Гробот на епископот Гаврил
Гробот на епископот Гаврил Светогорец се наоѓа зад плаштаницата во црквата. Тоа место сега е најбарано од посетителите. Веднаш до гробот на отец Гаврил се наоѓа и гробот на неговиот татко, отец Кирил, кој по смртта на мајката на Гаврил дошол во црквата и се замонашил заедно со синот. Отец Гаврил станал духовен отец на својот биолошки татко.