Lifestyle

Како да им кажам на децата дека нивниот татко има дете со вујна им

Здраво, мојата животна приказна е болна и тешка за раскажување. Не знам, можеби има и потешки случаи од мојот, но знаете како велат: “Секоја планина – своја тежина”, па така и мојава планина полека ми го свитка грбот.

Со сопругот се знаеме од деца, му беше најдобар пријател на брат ми. Често доаѓаше кај нас на гости и неретко преспиваше, па дури и по неколку дена. На почетокот го гледав како брат, но подоцна, кога и јас запишав медицина како него, честопати се среќававме и барав материјали од него.

Тој како постар колега ме воведуваше во тајните на медицината и постепено се вљубив во него. И тој во мене. Оттогаш започна нашата романса. Првите неколку месеци се криевме оти ни беше срам од брат ми и од родителите, но подоцна самите забележале и срдечно ја одобрија нашата врска.

Се зедовме и добивме две прекрасни деца. Во меѓувреме и брат ми се ожени со девојката со која беше 8 години во врска. И тие имаат две прекрасни деца. Имавме среќен и спокоен брак сочинет од сите оние мали, убави ситници: родендени на деца, разни прослави, првачиња, годишници, заеднички одмори…

Особено се радувавме на заедничките одмори зошто децата многу се сакаат и си играат, ние сите супер се сложувавме, јас со снаа ми, тој со брат ми, и никогаш немало кавги…

Сега ми е јасно дека тоа било илузија, вештачко, неприродно, измама… Не можам да ви опишам каков шок беше тоа за мене и за брат ми, кога еден ден не седнаа мојот ценет сопруг и ценетата снајка, дека нè напуштаат и започнуваат нов живот.

Навистина не можам да ви опишам каква болка почувствав во моментот кога сфатив дека не станува збор за шега од типот “скриена камера”. Верувајте, цел ден мислев дека ќе се јави некој и дека ќе ми кажат оти сето ова било некоја несолена шега.

Брат ми многу лошо го поднесе тоа, дури и сакаше да и удри шамар на снаа ми нарекувајќи ја со погрдни зборови, но Тој го спречи. Затоа пак јас не се воздржав и на следната средба ја искубав за коса. Пијам таблети за смирување секојпат кога треба да ги видам, а тоа е многу често, неизбежно е, имаме заеднички деца сите четворица.

Јас паднав во тешка депресија и долг период отсуствував од работа, не можев да работам со пациенти. Потоа некако “се собрав”, а и брат ми често доаѓа да провери како сум. Тука се и пријателките и колегите на работа, многу ми помогнаа, но сè уште раната не може да зарасне.

Поминаа две години од нашиот развод, а тие веќе имаат дете. Тоа дете е братче на сите наши деца и јас треба да го сакам и треба да ги учам моите деца да го сакаат. Тоа многу тешко ми паѓа и обично сум воздржана, но ете искрено ви кажувам, кога би ги пуштила слободно емоциите да раководат со мојот разум, јас тоа дете не би го сакала воопшто, напротив! Но кутрото, тоа е невино и нема никаква вина што неговите родители се развратни и неморални.

Побогу! Треба со закон да се забранат ваквите неверства! Од толку мажи и жени, не смееше ова да ни се случи! Ниту јас ниту брат ми заслуживме вакво нешто. Родителите ни беа живи и здрави, но после овој случај татко ми веднаш почина од мозочен удар, а мајка ми ене ја венее. И таа кутрата дооде, де на гробишта, де кај едните внуци, де кај другите внуци…

Епа ценета снао и ценет докторе, мој бивши мажу, се надевам дека нема рози да цветаат во вашиот живот и дека ќе ви се врати двојно онаа болка што ни ја причинивте мене и на брат ми. Среќата не се гради врз туѓа несреќа!

Related Articles

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
Close