На порталот на 1 ТВ објавено е дека се неточни тврдењата кои кружат во јавноста за лажната хуманост на сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, во врска со случајот за лекувањето на малата Софија.
Катерина Караманолева, мајката на девојчето кое моментално се лекува во Турција, потврди дека се неточни информациите дека сопственикот на 1 ТВ ја прелажал целата македонска јавност, но и семејството дека ги платил трошоците за лекување на малата Софија.
Со цел да ја откријат вистината пред македонската јавност за овој случај тие ја контактираа мајката на болното девојче која во моментов се наоѓа во болницата во Турција каде се лекува нејзината ќеркичка. Бидејќи не можеше да даде телефонска изјава, тие разговараа преку Вибер комуникација, а во нивниот текст беа објавени и фотографии од нивната преписка.
„Сакам да кажам дека ние НЕ СМЕ ИСПЛАШЕНИ како што кружи низ социјалните мрежи и не е фер да се објавуваат неточни информации. Повторни ќе кажам благодарни сме му на Јовановски за соработката, благодарни на министерството ( ФЗОМ – наша забелешка) што го презема целиот товар за лекувањето на Софија, благодарни на сите хумани луѓе што ни помогнаа. Нам ни останува да се надеваме дека Софија ќе биде добра“, изјави мајката на Софија за 1 ТВ искажувајќи голема благодарност до Јовановски за соработката и за подготвеноста да помогне во секое време.
Само да потсетиме, Бојан Јовановски веднаш откако беше објавено на социјалните мрежи за болното девојче го покани семејството на разговор во просториите на телевизијата и им понуди 28 илјади евра, средства кои беа потребни за лекување на девојчето. Семејството на малата Софија за време на средбата му се заблагодарило за понудата но го информирале дека во меѓувреме им се јавиле од Фондот и им соопштиле дека ќе ги преземат трошоците за лекувањето. Но и покрај тоа, Јовановски како хуман гест им донирал извесна парична помош за дополнителни трошоци околу престојот во Турција.
.