Откако ВМРО-ДПМНЕ ги обвини дека владејачката партија телефонски ги потсетува граѓаните да излезат на референдумот од СДСМ одговорија дека во врвот на ВМРО-ДПМНЕ е напнато и дека се нервозни бидејќи се повеќе нивни членови излегуваат и гласаат на референдумот.
„Во врвот на ВМРО-ДПМНЕ се нервозни, бидејќи и покрај бојкотот што го заговараше раководството на партијата, пратеници и членови на ВМРО ДПМНЕ излегуваат на референдум и гласаат. Лажните вести пласирани од опозициската партија не се ништо друго освен панична реакција на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што и покрај бојкотот што го диригира Христијан Мицкоски и дел од негови приврзаници, се повеќе претставници и членови на партијата го игнорираат, излегуваат и го користат своето демократско право да одлучуваат за иднината“, стои во соопштението од СДСМ.
Тврдења на ВМРО-ДПМНЕ се официјално демантирани и од Државната изборна комисија, којашто потврди дека референдумот се спроведува слободно и демократски, додаваат од штабот на СДСМ.
Инаку, ова соопштение следуваше откако портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, денеска на прес конференција објави аудио снимка во која, како што рече, женски глас се јавува кај граѓани и ги посетува да гласаат.
„Се јавуваме од главниот штаб на СДСМ, доколку не сте излегле да гласате ве потсетуваме да го сторите тоа“, вели женскиот глас на што граѓанинот прашува зошто да излезе кога ништо не добил од партијата.